Станува збор за релативно нов мобилен веб-прелистувач кој нуди неколку интересни можности и кој до неодамна беше достапен само на iOS, но сега може да се користи и на паметни телефони со Android во рана верзија.
Компанијата The Browser Company е технолошка фирма основана во 2019 година во САД, која од самиот почеток си поставила за цел создавање на веб-прелистувач кој би требало да го замени Chrome (и други веб-прелистувачи), нудејќи малку поинаков пристап во однос на традиционалните веб-прелистувачи.
Освен што е достапен на десктоп компјутери, постојат и верзии за паметни телефони, а од неодамна е достапен и на Android паметни телефони (во рана верзија). Самите можности на Arc Search ги комбинираат функциите на класичен веб-прелистувач, пребарувач и генеративна вештачка интелигенција, што го оддалечува од улогата на класичен прелистувач.
Една од неговите клучни карактеристики е опцијата “Browse for me” со која, со помош на генеративна вештачка интелигенција, се создава резиме на информации на една страница за внесениот поим, при што се наведуваат и извори од каде што се собрани информациите.
Покрај тоа, има и други интересни можности: од веќе вообичаената опција за блокирање реклами и спречување на несакано следење на страниците, до автоматско архивирање на табови, читање содржини со отстранување на непотребни елементи од страниците.
Тука е и можноста за синхронизација на табови, поедноставена навигација, па дури и можност за водење дијалог со асистентот кој Arc Browser го користи преку функцијата Call Arc, како и многу други опции и детали. Во секој случај, вреди барем да се испроба.