Белиот Steam Deck ќе чини 719 евра и ќе биде достапен за купување во ограничени количини. Откако ќе биде распродаден, нема да може да се купи официјално.
Valve првпат го претстави белиот Steam Deck пред три години, што веднаш ги заинтересира оние на кои црните конзоли им се здодевни. Иако корисниците отворено ја посакуваа белата верзија на преносната конзола на Valve, Гејб Њуел и Мајк Харингтон дури сега одлучија да ја пуштат во продажба и тоа во ограничено издание.
Белиот Steam Deck ќе чини 719 евра и ќе биде достапен за купување во ограничени количини од 18 ноември на полноќ по наше време.
„Steam Deck OLED: Limited Edition White има исти спецификации како и црниот Steam Deck од 1 TB, но доаѓа во бела и сива боја. Освен тоа, доаѓа и со ексклузивна бела торба за носење и бела крпа за чистење од микрофибер,“ пишува во објавата на Valve на Steam.
Valve истакнува дека еден корисник на Steam ќе може да купи само една конзола и, кога ќе се распродаде, тоа ќе биде крај. Нема да може повторно да се набави, освен преку препродавачи на интернет огласници, кои веројатно ќе бараат повисока цена.