YouTube тестира функција која воведува вертикално прелистување на видеозаписи во режим на цел екран. Се работи за функција која веќе постои на TikTok, Reels и Shorts, но досега не е видена кај содржина од подолг формат.
YouTube моментално тестира нова функција во апликацијата за мобилни телефони која на многу корисници можеби нема да им се допадне. Како што забележа корисникот на X, Tushar Mehta, YouTube воведува вертикално прелистување на видеозаписи во цел екран, исто како на TikTok, Reels и Shorts.
Оваа функција ја отстранува досегашната можност за повлекување нагоре за да се префрли видеото во режим на цел екран и повлекување надолу за излегување од тој режим. Како изгледа оваа опција во пракса може да се види во видеото објавено на X, кое го приложуваме во продолжение.
Во видеото е јасно дека со повлекување нагоре автоматски ќе се префрли на следното препорачано видео, додека со повлекување надолу корисниците ќе се вратат на претходното видео. За да излезат од режимот на цел екран, корисниците ќе треба да се вратат до првото видео или да притиснат наменско копче во аголот на екранот.
Иако YouTube сè уште не се огласил официјално за оваа промена, очигледно е дека таа е дел од стратегија која би можела да ги натера луѓето да поминуваат повеќе време во апликацијата, бесконечно прелистувајќи од едно видео на друго. Додека ваквиот пристап е прифатлив за TikTok, Reels или Shorts, тој не е погоден за класичните видеозаписи кои корисниците обично ги гледаат со одредена цел, а не насумично.