Американската вселенска агенција NASA активно работи на својот програм Artemis и сега го најави планот за доделување демонстрациски мисии за две возила што ги одбра за слетување на астронаути на Месечината.
SpaceX и Blue Origin добија договори за системот за човечко слетување на NASA (Human Landing System) и се во процес на дизајнирање на своите возила за враќање на астронаутите на површината на Месечината. НАСА сега соопшти дека овие компании можат да очекуваат демонстрација на нивните дизајни во некои од идните квалификациски мисии, кои ќе имаат задача да испорачаат голем товар на лунарната површина.
Задачите на мисиите се дел од барањата на NASA од 2023 година, која исто така наложи на SpaceX и Blue Origin да развијат товарни верзии на своите лунарни лендери, се наведува во соопштението. Изборот на два различни системи за слетување на Месечината ѝ овозможува на NASA поголема флексибилност за мисии со екипаж и товар, додека истовремено обезбедува континуирани слетувања за нови откритија и научни активности.
Што се однесува до товарните лендери, NASA гледа кон иднината со својата кампања за развој на одржливо човечко присуство на Месечината во текот на наредната деценија. Ова ќе вклучува развој и испорака на технологии како што се лунарни лендери и бази за астронаутите.
Роверот што Starship ќе го испорача на Месечината моментално го развива јапонската вселенска агенција JAXA и треба да биде лансиран во 2032 година како поддршка на мисиите по Artemis 6, наведува NASA. Лунарната база на Blue Origin ќе биде лансирана во 2033 година.
Програмата Artemis на NASA има за цел враќање на астронаутите на Месечината за првпат по завршувањето на ерата Apollo во седумдесеттите години од минатиот век, како и воспоставување на постојано присуство во близина на јужниот пол на Месечината. Тој регион е богат со мраз за кој NASA верува дека може да се користи за одржување на лунарна база и да придонесе за создавање други ресурси, како што е ракетното гориво.