Samsung Display го разви првиот OLED екран во светот со брзина на освежување од 500 Hz. Новиот 27-инчен QD-OLED панел има QHD резолуција од 2560×1440 пиксели и се наоѓа во завршна фаза на развој.
Samsung соработува со водечки производители на монитори за првиот OLED екран со брзина на освежување од 500 Hz да се појави на пазарот во првата половина од следната година. Веста прв ја објави порталот ETNews.
Досега, највисоката стапка на освежување кај OLED панелите изнесуваше 480 Hz, што го постигна LG Display во август. Напредокот на Samsung не само што го надминува овој рекорд, туку носи и значајна предност во однос на LCD панелите. Постоечките LCD екрани можат да достигнат 500 Hz, но само при Full HD резолуција (1920×1080).
Со ова достигнување, Samsung Display ја зацврстува својата позиција на глобалниот гејминг пазар. Побарувачката за OLED монитори расте поради нивните предности во брзината на освежување, времето на одзив, како и квалитетот и острината на сликата.