Моќните подобрувања на Knox Matrix, заштитата од кражби, авто-блокаторот и другите функции овозможуваат поголема заштита на уредите во денешниот хиперповрзан свет кој користи вештачка интелигенција.
Samsung Electronics ја најави One UI 7 бета програмата, која нуди засилени безбедносни мерки ексклузивно за Samsung Galaxy уредите. Најновиот One UI ја штити приватноста на сите нивоа и нуди избор, транспарентност и интегрирани безбедносни поставки за корисниците – бидејќи во ерата на вештачката интелигенција, нема приватност без севкупна безбедност.
Knox Matrix обезбедува врвна транспарентност
Knox Matrix е визијата на Samsung за иднината, која ја унапредува заштитата преку повеќеслојно, интелигентно следење на заканите помеѓу поврзаните Samsung уреди. One UI 7 поставува темели за повисоко ниво на безбедност.
- Knox Matrix ги следи уредите преку безбеден приватен блокчејн Trust Chain – додека новата командна табла на Knox Matrix воведува полесен начин за одржување на транспарентната безбедност низ целиот екосистем на поврзани уреди. Со One UI 7, корисниците можат да го проверат безбедносниот статус на повеќе Samsung паметни уреди, вклучувајќи Galaxy мобилни телефони, телевизори и апарати за домаќинство, со еден поглед на екранот. Ако сите поврзани уреди се ажурирани и не се забележани ризици, тие ќе бидат прикажани како „зелени“ или безбедни. Командната табла, исто така, препорачува мерки за отстранување на заканите ако некој уред е изложен на ризик.
- Новиот метод за заштита на податоци (Enhanced Data Protection) ја олеснува и поедноставува постапката за обновување на податоците зачувани на Samsung Cloud. Подобрената заштита на податоците (Enhanced Data Protection) ги одржува поврзаните уреди синхронизирани и безбедни, а исто така, обезбедува резервен план ако корисниците го изгубат пристапот до доверлив уред, за да се спречи губење на нивните податоци. Со One UI 7, корисниците сега можат да ги префрлат обновените приватни податоци на нов уред со внесување на PIN, шема или лозинка за отклучување на екранот од нивниот претходен уред.
- Во рамките на функцијата Credential Sync на Knox Matrix, Samsung разви нови начини за управување и безбедност на идентитетот и пристапните податоци во денешниот хиперповрзан свет во форма на шифри. Со One UI 7, корисниците сега можат да креираат и користат шифри за да се најават на својата Samsung сметка. Како дигитална потврда за пристапните податоци, шифрите овозможуваат побрз и полесен начин за безбедно најавување на апликации, уреди и веб-страници – овозможувајќи им на корисниците безбедно да се најават на својот телевизор, на AI Family Hub фрижидерот и други уреди едноставно користејќи го сензорот за отпечатоци од прсти на своите паметни телефони.
Максимални ограничувања (Maximum Restrictions) за подобра контрола
Функцијата за максимални ограничувања (Maximum Restrictions) воспоставува силна линија на одбрана од денешните сајбер закани. One UI 7 дополнително го подобрува изборот на корисниците со нови функции дизајнирани за заштита на оние на кои можеби им е потребна дополнителна безбедност. Оваа функција сега вклучува дополнителни контроли за мрежни поврзувања, овозможувајќи им на корисниците да бидат спокојни со подобрена заштита без губење на пристапот до главните функции на уредот. Благодарение на овие дополнителни контроли, корисниците можат да одлучат да ја блокираат услугата 2G и да спречат пресретнување на податоците кога се поврзуваат на потенцијално небезбедни мрежи. Корисниците, исто така, можат да спречат случајно автоматско повторно поврзување на одредени Wi-Fi мрежи, кои можат да бидат помалку безбедни, осигурувајќи дека нивните податоци ќе останат приватни, додека сè уште имаат можност рачно да се поврзат ако го посакаат тоа.
Ова ажурирање ја унапредува постојната заштита на Samsung пораките и Samsung галеријата со функцијата за максимални ограничувања (Maximum Restrictions), што им овозможува на корисниците да ги отстранат податоците за локацијата од споделени фотографии, да спречат автоматско преземање на прилози и да блокираат хиперлинкови, воведни прегледи и споделени албуми.
Повеќе безбедносни поставки за дополнителна заштита на уредот
One UI 7 воведува уште повеќе начини на кои корисниците можат да ги дефинираат безбедносните поставки што најмногу одговараат на нивниот начин на користење на уредот. Корисниците можат да изберат да ги блокираат USB врските додека нивниот уред е заклучен, за да спречат каков било друг пристап преку USB-портот додека уредот е заклучен, освен за полнење на батеријата.
За заштита од штетни апликации кои произлегуваат од преземања од непотврдени извори, новиот систем One UI 7 Safe Install, заедно со авто-блокаторот, испраќа предупредување кога корисникот ќе се обиде да преземе нешто од непотврден извор. Овој систем го информира корисникот за безбедносните ризици и спречува случајно преземање од непотврдени извори на Galaxy уредите низ целиот свет.
Заштитата од кражба ја подобрува приватноста на податоците
One UI 7 воведува нови функции достапни исклучиво на Galaxy уредите со Android, кои нудат решенија за заштита од кражба и ја унапредуваат постојната заштита за да осигураат дека личните податоци остануваат безбедни, дури и ако уредите се изгубени или украдени. Покрај заклучувањето при откривање на кражба (Theft Detection Lock)[5], заклучувањето кога уредот е офлајн (Offline Device Lock) и далечинското заклучување (Remote Lock), корисниците на Galaxy уреди сега можат да користат дополнителни безбедносни мерки преку функцијата за проверка на идентитетот (Identity Check) кога е таа активирана. Оваа функција е дизајнирана за ситуации кога PIN кодот на уредот е компромитиран. Ако се открие сомнителна активност, корисниците можат да бидат сигурни дека оваа заштита, ексклузивна за Galaxy уредите, ќе ја заврши својата задача.
- Кога корисникот се наоѓа на непозната локација, потребна e биометриска потврда на идентитетот за да се направат било какви промени во клучните безбедносни поставки кои би можеле да ги изложат личните информации на ризик.
- Како дополнителна заштита, едночасовното безбедносно одложување ќе спречи неовластени корисници да прават било какви моментални измени на уредот.
One UI 7 е следниот чекор во посветеноста на Samsung кон приватноста во ерата на вештачката интелигенција, воведувајќи напредни безбедносни функции со цел целосна заштита во оваа нова ера. One UI 7 официјално ќе биде воведен на новите уреди од серијата Galaxy S, со дополнителни AI можности како што се унапредени AI функции кои зависат од хардверот на уредот, почнувајќи од првиот квартал на 2025 година. Во согласност со посветеноста на Samsung за проширување на својата политика за ажурирања на оперативниот систем, оваа новина постепено ќе се воведува и на други Galaxy уреди.
One UI 7 бета програмата најпрво ќе биде достапна за уредите од серијата Galaxy S24 во Германија, Индија, Јужна Кореја, Полска, Обединетото Кралство и САД од 2 декември. Корисниците на серијата Galaxy S24 можат да се пријават за бета програмата преку Samsung Members.