Raspberry Pi го претстави новиот „компјутер во тастатура“ – Raspberry Pi 500, кој го наследува Raspberry Pi 400.
Новиот модел ги има истите интерни компоненти како Raspberry Pi 5, но тие се сместени во тастатура. Дополнително, подобрено е ладењето. Цената на новиот модел изнесува 90 долари.
Pi 500 е опремен со четиријадрен 64-битен Arm Cortex-A76 процесор со брзина од 2.4 GHz, спарен со 8 GB RAM. Располага со три USB-A порти (два USB 3.0 и еден USB 2.0), но USB-C портовите, освен за полнач, не поддржуваат периферни уреди како глувче или докови.
Поддржани се WiFi и Ethernet, како и Bluetooth 5.0. Во пакетот е вклучена и microSD картичка од 32 GB, на која е инсталиран Raspberry Pi OS.
Моментно, Pi 500 е достапен само со американска и британска тастатура, но наскоро ќе пристигнат верзии со други јазици, како шпански и јапонски. Во зависност од јазикот, тастатурата може да има помеѓу 78 и 83 копчиња.
Raspberry Pi 500. самостојно или како десктоп-комплет е достапен преку овластени продавачи. Десктоп-комплетот, со цена од 120 долари, вклучува компјутер Pi 500, глувче, USB-C напојување, HDMI кабел и водич за почетници. Мониторите не се вклучени во пакетот, но Raspberry Pi го претстави својот нов Raspberry Pi Monitor, кој чини 100 долари.