Акцент на вториот панел „Бизнис, закон и заедница: Како големите компании го обликуваат економскиот и општествениот раст“ на денешната Конференција The Economist MeetUp Светот во 2025 беше улогата на големите корпорации во поттикнувањето на економскиот развој и општествената одговорност. Се разговараше заправните рамки и регулативи кои влијаат на корпоративното работење, како и стратегиите што компаниите ги применуваат за да придонесат кон заедницата, но и заетичките аспекти на корпоративното управување и нивното влијание врз одржливиот развој. Панелот ги истражи можностите за соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор во креирање одржливи економски решенија. Исто така, се дискутираше за иновативните пристапи со кои компаниите можат да го унапредат својот позитивен општествен и економски импакт. Модератор на овој панел беше Невена Георгиевски Ангеловска – менаџер на интерни и екстерни комуникации во Пивара Скопје.
Душан Митрев – генерален директор на Пивара Скопје во своето обраќање истакна:
„Стратегијата на Пивара денес е истата што била досега и ќе остане иста во иднина – безвременска и заснована на четири клучни столба: нашето диверзифицирано портфолио на брендови и производи, партнерскиот однос и заедничкото делување со купувачите, грижата за заедницата што ја покажуваме преку конкретни дела и факти, и најважното – грижата за нашите вработени, нашата „тајна состојка“. Иако стратегијата е конзистентна, реалноста бара флексибилност. Се соочуваме со екстерни шокови, сложена легислатива и други фактори што не можеме да ги предвидиме, но остануваме посветени на адаптацијата. Објавената студија за социоекономско влијание треба да ја гледаме како перспектива што ја надминува рамката на Пивара, поврзувајќи микро и макро аспекти. Во 2025 година, мораме да го забрзаме темпото на повеќе фронтови за да се израмниме со регионот, бидејќи заостануваме. Економските субјекти придонесуваат и имаат know-how, но предизвиците, како неможноста за планирање и слабостите во владеењето на правото, остануваат клучни пречки. Предизвиците ќе продолжат, а реалноста постојано носи нови тестови. Затоа, треба да се фокусираме на она што можеме да контролираме, додека за екстерните фактори да најдеме прифатливи решенија. Само така ќе осигуриме постојан напредок.“
Душко Чифлиганец – заменик претседател на Адора Бизнис Групација истакна:
„ Нашата бизнис групација денес е активна во три клучни сектори: градежништво, енергетика и финансии – сржта на секоја економија и двигатели на економското здравје на државата. Значењето на овие сектори е големо, а гордост е што како македонска компанија работиме во дејности кои се директно регулирани од државата. Верувам дека ние, Македонците, најдобро го разбираме и сакаме напредокот на нашата земја. Еден пример е купувањето на бизнисот со топлинска енергија, кој претходно беше управуван од странска компанија. По нашето преземање, предизвиците беа надминати, а денес Скопје има стабилно снабдување со топлинска енергија. Затоа е важно да се дава шанса на македонски изведувачи и фирми, со цел капиталот да остане во домашната економија. Како македонска компанија, за нас е приоритет најголемиот дел од добивката да го реинвестираме во домашната економија. Ова не само што ја поддржува економијата, туку и го зацврстува нашето присуство и влијание. Пред „Адора“ е голем инвестициски циклус. Во текот на годинава работевме на подготвителни активности за развојни инвестиции, а во иднина планираме целосно нови дејности и бизниси, како во Македонија, така и надвор. Нашата цел е континуиран раст и придонес за економскиот напредок на земјата.“
Д-р Ана Пепељугоска – адвокат/партнер во Адвокатско друштво Пепељугоски даде увид во моменталните предизвици на македонската легислатива:
„ Заштитата и регулацијата на интелектуалната сопственост кај нас се целосно занемарени. Многу експерти ја истакнуваат потребата од итно донесување национална стратегија за интелектуална сопственост, бидејќи последните 10 години заостануваме зад регионот. За пример, Србија веќе има стратегија за вештачка интелигенција. Често на шега се споменува дека кај нас сајбер напад е невозможен, бидејќи сè е на хартија, што уште еднаш укажува на итната потреба од дигитализација.Иако компаниите имаат свест за правата на интелектуална сопственост, главниот проблем лежи во неефикасната регулатива и непредвидливата правна рамка. Потребно е зголемување на свеста и проактивност кај државните институции. Како адвокати, сведоци сме на бројни регулаторни реформи кои, за жал, често остануваат неефективни. Многу мерки се носат само формално, без вистинска имплементација која би им помогнала на бизнисите. Регулативата треба да биде поддршка за бизнисите, а не пречка. Со сегашните мерки и закони, сопственоста на инвеститорите е загрозена. Потребна е темелна реформа, која ќе биде креирана во соработка со бизнис заедницата, за да се обезбеди стабилна и поддржувачка деловна клима.“