Нова фотографија од Марс, снимена со орбитерот на NASA – „Mars Reconnaissance Orbiter“, прикажува оптичка илузија.
Она што изгледа како дрвја кои се издигнуваат од површината на Марс, всушност се темни линии на урнат материјал што се спушта по песочните дини поради испарување на мраз од јаглероден диоксид. Фотографијата беше објавена во јануари 2010 година.
Природните облаци од прашина што еруптираат на Марс создаваат структури што изненадувачки наликуваат на дрвја во близина на северниот пол на планетата. Но, не дозволувајте да ве измами – тоа е само оптичка илузија, велат научниците од NASA.
Марсовските „дрвја“ се всушност темен базалтен песок што се издигнува на површината на песочните дини благодарение на загреаниот цврст јаглероден диоксид, познат и како сув мраз, кој се сублимира директно во пареа, објасни Кенди Хансен, член на тимот на MRO од Универзитетот во Аризона.
Песочните дини формираат речиси целосен прстен околу северниот пол на Марс и се прекриени со тенок слој црвенкаста марсовска прашина и наслаги на сув мраз. Досега, нема цврсти докази за било каков облик на живот на Марс, било во минатото или сегашноста, растителен или друг.
Во текот на пролетта на Марс, сонцето го загрева мразот, предизвикувајќи негово сублимирање директно во пареа, додека гасот што настанува ги поместува околните честички прашина и песок.
„Мислиме дека темниот песок се лизга по светлиот замрзнат дел од дината,“ рече Хансен за SPACE.com.
Фотографијата, снимена со камерата HiRISE (High Resolution Imaging Science Experiment) која е дел од MRO, е дел од серија фотографии од Марс објавени во специјално издание на списанието Icarus овој месец.
Марсовската илузија не е прва што ја заинтригирала фантазијата на луѓето на Земјата. Во 1976 година, фотографија на карпеста формација на Марс, испратена од орбитерот Viking 1 на NASA, на многумина им изгледала како лице врежано на површината на Марс. Наследството на фотографијата „Лице на Марс“ опстојува и денес, иако понатамошните набљудувања со понапредни вселенски летала покажаа дека станува збор за игра на светлина и сенки.
Оттогаш, во фотографиите од Марс се појавија и други илузии, вклучувајќи објекти што личат на мал зајак, камен што на некои им изгледал како женска фигура, а на други како Бигфут.
Линиите на новата фотографија изгледаат како да се издигнуваат од песочните дини, но тоа е илузија, рече Хансен. „Гледате на лизгавата површина на дината, а таму каде што песокот престанува да се движи, се формира раб во форма на школка на дното.“
Секоја темна линија може да биде долга до 50 метри, а HiRISE успеал дури и да сними еден од облаците од прашина додека се формирал, пренесува Space.com.
„Ако внимателно погледнете, ќе можете да го видите овој мал облак од прашина како фрла мала сенка,“ додаде Хансен.