Интервју со Александар Богоевски, Извршен директор на ЕМОФ Скопје 2025, по повод Европскиот Младински Олимписки Фестивал што од 20 до 26 јуни следната година ќе се одржи во Македонија
Што значи Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) 2025 за Македонија и какво е неговото значење на европската спортска мапа?
Европскиот Младински Олимписки Фестивал 2025 е најголемиот спортски настан што досега го организирала нашата земја. Тој претставува уникатна можност да покажеме дека Македонија има капацитет за организирање настани од највисок калибар. Ова е повеќе од спортски настан – тоа е фестивал на културата, младоста и спортските вредности, каде ќе ги обединиме најдобрите млади спортисти од цела Европа. Преку овој фестивал, имаме шанса да ја промовираме нашата земја како дестинација со богато културно наследство, одлична спортска инфраструктура и гостопримлив народ. Со ЕМОФ Скопје 2025, ја поставуваме Македонија на спортската мапа на Европа, што ќе придонесе за зголемување на интересот за вложувања во спортот, културата и туризмот. Ова е можност да ги покажеме нашите вредности и да создадеме нова генерација инспирирани млади луѓе.
Кои се главните чекори што ги преземате за успешна организација на настанот и како соработувате со локалните институции и меѓународните партнери?
Организацијата на еден ваков сложен настан бара детално планирање, мултидисциплинарна соработка и постојана комуникација. Имаме формирано координативни тимови кои работат на логистика, инфраструктура, комуникации, сместување, транспорт и спортска организација. Соработуваме со сите релевантни локални и државни институции, како и со меѓународни спортски федерации. Нашите партнери обезбедуваат поддршка во сите фази од подготовките, а ние се стремиме кон врвна организација и беспрекорна реализација.
Секој сегмент од организацијата е детално разгледан и планиран, со цел да обезбедиме совршено кординирана логистика и високи стандарди на безбедност за сите учесници. Преку редовни состаноци и теренски проверки, одржуваме постојана комуникација за навремено решавање на сите предизвици.
Колку и кои спортови ќе бидат застапени на фестивалот, и каква ќе биде нивната организација?
Фестивалот ќе вклучува 15 различни спортови, меѓу кои се и атлетика, кошарка, одбојка, ракомет, пливање, џудо и баскет 3×3. Спортските објекти ќе бидат подготвени согласно највисоките меѓународни стандарди, а секој натпревар ќе биде детално испланиран, со професионална техничка поддршка и модерна опрема. Спортската програма е дизајнирана така што ќе обезбеди динамичен натпреварувачки дух и пријатна атмосфера за учесниците и гледачите. Ќе обезбедиме и максимални услови за сите спортисти, тренери и судии, со фокус на фер-игра, транспарентност и високо ниво на организација, што ќе биде наша главна препорака за идни спортски настани.
Каква улога имаат волонтерите и какви можности им се нудат?
Волонтерите се срцето на овој настан. Планираме да ангажираме стотици млади волонтери кои ќе учествуваат во сите фази на организацијата. Тие ќе помагаат во приемот на делегациите, организацијата на натпреварите, протоколарни активности и логистика. Ова е единствена можност за нив да стекнат искуства, вештини и да создадат меѓународни контакти. Преку нивната ангажираност, ќе бидат дел од настан што носи позитивни промени. Волонтерите ќе добијат о обуки и поддршка за развој на клучни вештини како што се лидерство, тимска работа, организациски способности и комуникација. Ова искуство ќе им отвори врати за идни можности во кариерата.
Какво е значењето на маскотата Shiny и како таа ќе придонесе за препознатливоста на фестивалот?
Маскотата Shiny е симбол на енергијата, младоста и спортскиот дух што го претставува фестивалот. Нејзиното дизајнирање беше дел од јавен конкурс што привлече голем интерес и ќе биде составен дел од секој настан на ЕМОФ Скопје 2025, од промотивните активности до свечените церемонии на отворање и затворање. Shiny ќе се поврзува со младата публика, ќе ги бодри спортистите и ќе создава незаборавни спомени за присутните.Преку неговата застапеност, сакаме да создадеме долготрајни спомени и да ја зголемиме видливоста на фестивалот на европско и глобално ниво.
Shiny ќе стане симбол кој ќе ги поврзе сите учесници, волонтери и посетители, создавајќи посебна емоционална врска со фестивалот и неговите вредности. Покрај тоа, присуството на Shiny ќе се прошири и на дигиталните платформи, каде што обожавателите ќе можат да комуницираат со него, да учествуваат во забавни предизвици и да ги следат неговите авантури низ целиот фестивал.
Какви се вашите очекувања од ЕМОФ Скопје 2025 во однос на спортскиот, економскиот и туристичкиот развој на земјата?
Очекувањата се многу високи. Сметаме дека фестивалот ќе има значително позитивно влијание врз економијата преку зголемениот туристички промет, пополнетите хотели, локалните бизниси и транспортните услуги. Дополнително, спортската инфраструктура ќе остане како трајно наследство, што ќе ја поддржи понатамошната спортска едукација и развој. Фестивалот ќе ја зголеми меѓународната видливост на Македонија, поставувајќи ја како посакувана дестинација за спортски и културни настани. Со организацијата на овој меѓународен спортски настан, ќе ја зајакнеме економската стабилност, ќе привлечеме нови инвестиции и ќе поттикнеме општествена кохезија преку заеднички напори.
Што би им порачале на младите спортисти, волонтерите и публиката кои ќе бидат дел од овој фестивал?
На младите спортисти им порачувам да веруваат во своите способности и да се стремат кон врвни резултати. Ова е шанса да ја покажат својата посветеност, дисциплина и тимска работа. На волонтерите – бидете мотивирани, ангажирани и горди што сте дел од нешто толку значајно. Вашиот труд ќе биде вреднуван и ќе ви донесе нови вештини и контакти. На публиката – дојдете и бидете дел од еден уникатен спортски спектакл, каде ќе ги поддржиме младите и ќе споделиме моменти на радост и успех.
Како планирате да ги мотивирате младите да се вклучат во спортот и општествените активности преку фестивалот?
Нашата кампања ќе опфати медиумски активности, едукативни работилници и спортски настани низ целата земја, а целта е да создадеме средина каде што младите ќе чувствуваат дека припаѓаат и дека нивната работа има значење. Ќе ги инспирираме младите да се приклучат и ќе ја поттикнеме нивната љубопитност преку интерактивни настани, информативни сесии, спортски кампови и инспиративни приказни од успешни спортисти. Нашата визија е да создадеме генерација која ќе биде активна, здрава и ангажирана во општествените промени.