Американските научници развиваат компири кои би можеле да ги издржат топлотните бранови за да помогнат во одгледувањето на култури во иднина погодена од климатските промени.
Тим истражувачи спроведе теренски испитувања на една локација во американската сојузна држава Илиноис и забележаа дека адаптираното растение расте до 30 отсто повеќе компири под топлотен стрес.
Ова беше направено со додавање на два гени за модифицирање на процесот наречен фотореспирација за да се подобри ефикасноста, оставајќи повеќе енергија за поголем раст.
Авторите на трудот, објавен во списанието “Global Change Biology”, го опишаа овој чекор како „ветувачки пат за зголемување на приносите во услови на затоплување на планетата“.
Потребни се теренски испитувања на повеќе локации за да се потврдат наодите на тимот во различни средини.
Проектот беше предводен од Кетрин Меахам-Хенсолд, а тимот составен од научници од Универзитетот во Илиноис (UIUC) во САД и Универзитетот во Есекс во Англија.
Меахам-Хенсолд рече дека целта на проектот е да се задоволат потребите за храна во услови на глобално затоплување.
„Мораме да произведуваме култури што можат да издржат почести и поинтензивни топлотни бранови, ако сакаме да ги задоволиме потребите за храна на населението во регионите кои се изложени на најголем ризик од намалени приноси од глобалното затоплување“, рече таа.
„Зголемувањето од 30 проценти на масата на растението забележано во нашите испитувања покажува подобрувања во процесот на фотосинтеза за да се овозможат култури подготвени за климатските промени“.