Се работи за прв таков модел во градскиот сегмент со хибриден погон, се гордее со најниски емисии на CO2 на пазарот, а ќе биде и најмоќниот Aygo досега произведен, со дури 114 коњски сили од 1,5-литарски бензински мотор и електромотор.
Toyota го претстави освежувањето во понудата на својот најмал градски кросовер. Нивниот Aygo X станува прв автомобил во својот сегмент со „вистински“ хибриден погонски систем. Неговите конкуренти обично имаат мали мотори со внатрешно согорување, се целосно електрични или доаѓаат со благ хибриден систем. Ова ќе биде првиот целосен хибрид со самостојно полнење за Toyota Aygo X, но и генерално за А-сегментот.
Погон од Yaris
Новиот погонски систем на овој модел е „позајмен“ од Yaris и Yaris Cross, и целосно ќе го замени постоечкиот 1,0-литарски бензински мотор, давајќи му на малиот градски кросовер 44 КС повеќе – благодарение на новиот бензински мотор со зафатнина од 1,5 литри и електромоторот ќе располага со вкупно 114 КС (85 kW). Тоа ќе му овозможи забрзување до 100 км/ч за помалку од 10 секунди. Според WLTP, ова ќе биде и автомобил со најниски емисии на CO2 од сите модели на пазарот, не вклучувајќи ги plug-in хибридите.


За да се смести поголемиот погонски систем во малиот Aygo X, предниот дел мораше да биде продолжен за 76 мм, но меѓуосовинското растојание од 2.430 мм останува непроменето. Батериите се сместени во два реда под подот и задните седишта, додека помошниот акумулатор е преместен под подот на багажникот.
Освежениот Aygo X Hybrid носи и неколку стилски промени, предизвикани пред сè од продолжувањето на хаубата, па сега неговото „лице“ е поагресивно, со нова форма на светлата, мигалки преместени во ретровизорите и нови опции за бои, вклучително и дводелна изведба. Во кабината доминира централниот екран, заоблениот дизајн на конзолата и воланот со три краци.


Инженерите во новата верзија обезбедија и потивка кабина, со воведување нови техники за намалување на надворешната бучава, изолации и покривки, како и подебели стакла, за да се подобри удобноста при возење. Додадени се и нови активни системи за помош на возачот – системи кои предвидуваат судари, следат задржување во лента, читаат сообраќајни знаци и проактивно му помагаат на возачот на различни начини.

Првпат Aygo X ќе добие и спортска верзија со ознаката GR SPORT. Во таа изведба доаѓа со дводелна каросерија во црна и специфична сенф-жолта боја, со уште понагласена предна маска и спортски детали во кабината. Тука се и спортските 18-инчни фелни (стандардни се 17″), посебно подесен амортизерски систем и серво управувач, без компромис во удобноста при градско возење.
Новата Toyota Aygo X ќе пристигне во продажба на првите европски пазари кон крајот на оваа година, а нешто подоцна се очекува да бидат објавени и цените.

