Новата епизода од серијалот „Best Phones Forever“ укажува дека Apple повторно „позајмува“ функции од Pixel, со тивка најава што може да очекуваме од Pixel 10.
Во најновото продолжение на анимираниот серијал „Best Phones Forever“, Google повторно се шегува на сметка на iPhone, овој пат поради новитетите во iOS 26, кои – според нив – одамна им се добро познати на корисниците на Pixel телефони.

Во епизодата со наслов „Responding to MORE Rumors“, Pixel и iPhone водат разговор за функциите кои iOS дури сега ги воведува, како што се преводот во пораки во живо, Call Screening опцијата и Hold Assist функцијата – сето тоа дел од Pixel екосистемот веќе подолго време.
„Тотална случајност“, вели Pixel, додека iPhone со мала непријатност ги признава сличностите. Епизодата завршува со прашањето на iPhone: „А на што тоа работиш за Pixel 10?“, на што Pixel не одговара, туку само молчешкум затреперува.
Иако сè изгледа шеговито, ова е јасен начин Google да ги истакне своите иновации, но и суптилно да најави дека Pixel 10 ќе донесе нови трикови, како неодамна најавената функција „Magic Cue“. За разлика од Samsung, Google избра посуптилен и покреативен начин да порача: „ние го имавме тоа први“.
Интересно е што овие анимирани скечеви сега се прикажуваат и во киносали, како дел од потсетниците за исклучување на телефоните пред почетокот на филмот – совршен тајминг со оглед на претстојните летни блокбастери како римејкот на „Како да дресираш змеј“, новиот „Супермен“ и „Фантастична четворка: Првите чекори“.


