Неодамна беше презентиран мултидисциплинарниот проект „Социјален пристап и прифаќање на намалување на штети преку наука и истражување“ спроведен од Центарот застратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската Академија на Науките и Уметностите. Проектот како дел од работната програма на МАНУ се спроведува во соработка со членови на Академијата во други центри и со останати научни институции од областа на предметот на истражување.
Главен заклучок од спроведениот проект е дека „Науката го препознава концептот на намалување на штетите при креирањето на политиките“, а неговото изведување е поттикнато од научните истражувања и сознанија кои гоакцентираат пушењето цигари како еден од најзначајните ризик фактори за појава на хронични незаразни болести, влијаејќи на квантитетот и квалитетот на човековиот живот.
Проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска од Фармацевтскиот факултет во Скопје, се појави како еден од презентерите на овој проект. Таа се осврна на здравствените импликации од пушењето и релацијата помеѓу хемијата на тутунот и никотинот, истакнувајќи дека изнаоѓањето на алтернативни начини на задоволување на потребата од никотин, базирани на производи кои се карактеризираат со помала штетност вооднос на цигарите е важна гранка од современата наука и технологија.
„Бројни релевантни научни студии истакнуваат дека цигарите предизвикуваат извонредно сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи кардиоваскуларни заболувања, хронична опструктивна белодробна болест, емфизем, рак на белите дробови, зголемена подложност на различни инфективни болести. Штетата што ја предизвикува пушењето на цигари е повеќеслојна и сложена. Изложувањето на штетни и потенцијално штетни хемикалии кои во најголема мера се создаваат при процесот на согорување на тутунот, е главната причина за развој на болести поврзани со пушењето“, посочи Тониќ Рибарска.
Според неа, концептот на ,,намалување на штетата” од користење на тутунот може да помогне во намалувањето на штетните ефекти од тутунот во согласност со активностите за промоција на јавното здравје. „Суштината на овој концепт е престанување со пушење како најдобра опција, но на останатите кои не можат да се откажат од оваа навика, им се дава сугестија за користење на помалку штетни производи кои го загреваат, а не го согоруваат тутунот“.
Од друга страна, Тониќ Рибарска смета дека тутунските производи со модифициран ризик се дизајнирани значително да го намалат или елиминираат ослободувањето на штетни материи, а истовремено колку што е можно повеќе да го зачуваат вкусот, сетилното искуство, профилот на испорака на никотин, како и ритуалните карактеристики на цигарите.
„Штетните здравствени ефекти од пушењето се примарно предизвикани од хроничната изложеност на токсични супстанции кои се формираат при согорувањето на тутунот, а не од самиот никотин. Иако никотинот не е без ризик и предизвикува зависност, сепак тој не е примарна причина за болестите поврзани со пушењето“, нагласи професорката.
Несогорливите производи од тутун, односно електрично загреаните тутунски производи претставуваат понова категорија производи, којашто се базира на иновативни технологии кои континуирано се развиваат и подобруваат, асе развиени со цел да се намали ризикот поврзан со пушење цигари кај возрасни пушачи, кои немаат намера да се откажат од пушење.
„Податоците од научните анализи укажуваат на намалена токсичност во аеросолот присутен кај оваа нова категорија на производи. Овие производи го загреваат тутунот на температури доста пониски од температурата која е потребна за да дојде до согорување, така што се генерира аеросол кој содржи никотин, но и значително пониски нивоа на штетни и потенцијално штетни хемикалии (HPHC) за разлика од чадот од цигарите“, истакна Тониќ Рибарска.
Според неа, за да се демонстрира дека целосното преминување на несогорливи тутунски производи ја намалува штетноста врз здравјето, потребно е да се направи споредба со ефектите од континуираното пушење, како и со ефектите кои ги има откажувањето од пушење.
„За добивање на дефинитивни одговори на прашањето дали овие производи го намалуваат ризикот од развој на болести, неопходни се долгорочни епидемиолошки студии, а доколку навистина го намалуваат, тоа намалување треба да може квантитативно да се определи. За таа цел, овие производи треба да бидат достапни на пазарот подолг временски период и треба да бидат користени од голем процент од пушачите.Со оглед на фактот дека станува збор за здравјето накорисниците на овие производи, неопходна е темелна карактеризација на сите хемиски ентитети генерирани од ваквите производи и евалуација на нивната потенцијална штетност“, заврши Проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска.