Иако неодамна го лансираше својот прелистувач заснован на Chromium, американскиот AI стартап се постави како купувач на Google Chrome — прелистувачот кој наскоро би можел да биде продаден поради правни проблеми.
Министерството за правда на САД порано оваа година сугерираше дека Google треба да го продаде својот интернет-прелистувач Chrome, кој моментално е најкористениот во светот. Како потенцијален купувач пред неколку месеци се спомнуваше OpenAI, а сега во игра влегува уште еден голем играч од областа на вештачката интелигенција – Perplexity. Тие понудија дури 34,5 милијарди долари, за кои велат дека би можеле да ги обезбедат за да го преземат Chrome од Google, во случај да бидат присилени да го продадат.
Интересно е што и двата потенцијални купувачи, и OpenAI и Perplexity, работат на свои интернет-прелистувачи. Решението на OpenAI сè уште е во развој, додека Comet на Perplexity неодамна стана достапен (со листа на чекање). Ова потврдува дека иднината на прелистувачите најверојатно лежи во агентските АИ решенија и дека АИ чет-ботовите и прелистувачите неизбежно ќе бидат тесно поврзани и испреплетени.

Perplexity, секако, нема 34,5 милијарди долари на располагање, бидејќи целата компанија, според проценката од последната рунда докапитализација, вреди околу 14 милијарди долари. Сепак, како што пишува Reuters, постои интерес од одредени фондови за ризичен капитал да учествуваат во тоа преземање. Освен огромната понуда, Perplexity ветува дека ќе го задржи Chromium како решение со отворен код, дека во наредните две години ќе инвестира дополнителни 3 милијарди долари во развој на прелистувачот и дека Google пребарувачот ќе остане стандардно решение за пребарување во него.
Покрај овие две големи АИ компании, наводно, за Chrome се заинтересирани и Yahoo, како и приватниот инвестициски фонд Apollo Global Management. Од Google засега немаат коментар, а јасно е дека ќе се ослободат од Chrome дури откако ќе ја исцрпат и последната правна можност да го задржат под своја сопственост.

