Сеприсутниот AI помошник се интегрира во Game Bar на компјутерите со Windows 11 и наскоро ќе пристигне во мобилната апликација Xbox, нудејќи им на играчите совети, препораки и помош во реално време без прекинување на играта.
Microsoft го најави официјалното лансирање на својот AI алат наречен Gaming Copilot, осмислен како персонализиран асистент за Xbox играчите. Овој AI помошник е дизајниран да дава препораки, поддршка и различни информации поврзани со видео игрите во реално време, со цел унапредување и персонализација на играчкото искуство. Главната цел на алатот е да им заштеди време на играчите и да им овозможи повеќе да се фокусираат на самата игра, соопштува компанијата.
Со овој потег, неизбежниот Copilot систем сега е проширен од вебот, GitHub, Windows, канцелариските апликации од пакетот Microsoft 365 и мобилните решенија, па сè до гејминг секторот, за да ги опфати и специфичните потреби на тој дел од корисниците. Никој во Microsoft екосистемот, значи, повеќе не е „безбеден“ од Copilot.
Иновациите во областа на вештачката интелигенција, како што наведуваат на страниците на Xbox, имаат потенцијал да отклучат нови можности во начинот на кој нивните корисници играат. Gaming Copilot (во тестната верзија наречен Copilot for Gaming) е претставен како значаен чекор во тој правец, а неговата функционалност се темели на тоа да обезбеди поддршка за играчите тогаш кога им е најпотребна.
Пристигнува на компјутери и мобилни телефони
Имплементацијата на Gaming Copilot започнува на компјутерите со Windows 11, каде што постепено ќе се интегрира директно во интерфејсот на Game Bar во текот на следните неколку недели. За да пристапат до алатот, корисниците ќе треба да ја притиснат комбинацијата Win+G за да го отворат Game Bar и таму да ја пронајдат иконата на Gaming Copilot.
По десктоп верзијата, асистентот во текот на октомври ќе стане достапен и за полнолетните корисници на мобилната апликација Xbox на iOS и Android уреди. На мобилните уреди Copilot ќе функционира како „помошник на втор екран“, нудејќи ги потребните информации без прекинување или ометање на играњето на главниот екран.
Потребите на корисниците во центарот
Ова официјално лансирање следува по експерименталната фаза во која учествуваа членовите на програмата Xbox Insiders. Врз основа на нивните повратни информации, алатот беше унапреден со нови функционалности како подлабока асистенција во игра, подобрен гласовен режим и подобро разбирање на содржината на екранот, велат од Microsoft.
За време на тестирањето беше утврдено дека играчите најчесто го користеле Gaming Copilot за да ги унапредат своите вештини, поставувајќи прашања за задачи (quest-ови) во игрите, стратегии и конфигурации (build-ови) на ликовите. Од Xbox најавуваат дека ќе продолжат да прибираат повратни информации од заедницата и во иднина ќе воведуваат нови можности, како подлабоки анализи и совети за напредување во игрите.