Xiaomi оваа недела во Кина ќе претстави три уреди од серијата 17, а тоа се Xiaomi 17, 17 Pro и 17 Pro Max. Компанијата сега го потврди датумот и времето на настанот, како и одредени спецификации.
Презентацијата на споменатите уреди е закажана за четврток, 25 септември, во 13:00 часот по наше време, а рендерите овозможија поглед на сите три уреди, вклучувајќи го и основниот Xiaomi 17. Овој уред ќе има 6,3-инчен рамен OLED екран со формат 19,6:9 и рамки околу него со дебелина од 1,18 mm.
Xiaomi 17 Pro ќе има исти спецификации на екранот, а сите три уреди ќе ја користат M10 технологијата за луминесценција на екранот, за која Xiaomi гордо тврди дека ќе понуди најголема светлосна ефикасност во индустријата од 82,1 cd/A.
Xiaomi 17 Pro Max ќе дебитира со нов независно распореден RGB слој на пиксели, кој го елиминира „групирањето на пикселите“, а во исто време троши 26% помалку енергија од традиционалните 2K екрани.
Xiaomi исто така откри дека моделите 17 Pro се опремени со нова Jinshajiang батерија, која користи технологија на слоевито пакување во форма на буквата L со 16% поголема содржина на силициум и која поддржува жично полнење од 100W.
Се очекува сите три телефони да ги придвижува претстојниот Qualcomm Snapdragon 8 Elite Gen 5 процесор и да користат Xiaomi Hyper OS 3.