Google додаде копче кое им овозможува на корисниците со еден клик да ги сокријат спонзорираните резултати и да добијат почист приказ на пребарувањето.
Корисниците кои со години ја користат Google пребарувачката често се жалеа на премногу реклами и непрегледен приказ на резултатите. Сега Google, за прв пат, реши да направи отстапка – воведена е нова функција што овозможува сите спонзорирани резултати да се сокријат со еден клик.
Според објавата на официјалниот Google блог, при пребарување сега е јасно означено полето „Sponsored search results“, кое покажува дека одредената содржина е платен оглас.
Под тој сегмент се појавува новото копче „Hide sponsored search results“, кое им овозможува на корисниците целосно да ги тргнат сите реклами, оставајќи само природни (органски) резултати од пребарувањето.
Новата Google опција овозможува едноставно отстранување на спонзорираните резултати од пребарувањето.
На пример, при пребарување на „iPhone“, спонзорираната содржина од компанијата Apple ќе биде јасно означена, но со притискање на споменатото копче, сите реклами исчезнуваат, а под нив веднаш се прикажува делот со вести.
Google потврди дека копчето за сокривање на рекламите наскоро ќе биде достапно и во рамките на „Shopping“ пребарувањата, како и дека функционира и на десктоп и на мобилните верзии на пребарувачот. Засега, според првичните тестови, оваа опција е видлива само во веб-верзијата.
Иако овој потег изгледа како значаен чекор во корист на корисниците, Google сè уште ја задржува контролата врз прикажувањето на рекламите. Некои портали забележуваат дека системот е дизајниран така што корисниците најпрво мора да поминат низ сите реклами пред да се појави копчето за нивно сокривање, што значи дека рекламите и понатаму остануваат неизбежен дел од искуството при пребарување.