За оние на кои им се допаѓа проѕирниот дизајн на Nothing, а не сакаат да потрошат многу пари за телефон, пристигнува Phone (3a) Lite
Nothing оваа среда во 14 часот по македонско време ќе го претстави Phone (3a) Lite — телефон кој претставува подостапна верзија на веќе релативно поволниот Phone (3a).
И покрај почетната цена за која се шпекулира дека ќе биде меѓу 230 и 250 евра, Phone (3a) Lite ќе го задржи препознатливиот проѕирен дизајн на Nothing, а во краткото видео објавено на X се забележува едно трепкачко LED светло — најверојатно дел од интерфејсот Glyph Matrix, воведен со моделот Phone (3) уште летово.

Покрај тоа, од базата на податоци на Geekbench е откриено дека телефонот ќе го придвижува MediaTek Dimensity 7300, во комбинација со 8 GB RAM. Станува збор за 4-нанометарски SoC процесор претставен минатата година, кој можеби нема екстремни перформанси, но нуди современа архитектура, поддршка за 5G и солидна енергетска ефикасност по поволна цена.

