Во вториот месец оваа година, Samsung ја претстави својата флегшип серија смартфони за оваа година – Galaxy S22. Три модели се составен дел од оваа серија, и тоа Samsung Galaxy S22, Samsung Galaxy S22 + и Samsung Galaxy S22 Ultra. Сега овие три паметни телефони станаа првите уреди во светот што поддржуваат Vo5G – Voice over 5G.
Zain, кувајтска телекомуникациска компанија, неодамна го објави лансирањето на првата услуга Voice преку 5G и таа сега е достапна, но поддржана само на Samsung Galaxy S22 моделите.
Иако 5G мрежата е стандард веќе некое време (за жал сè уште не кај нас), гласовните повици со 5G сè уште се прилично ретки. Всушност, Zain е првиот телекомуникациски оператор кој започна Vo5G услуги со национална покриеност во Кувајт. Оваа услуга моментно е достапна само за уредите од Galaxy S22 серијата.
Vo5G услугата нуди многу придобивки, вклучително и подобрен квалитет на говор и видео повици, нови гласовни и комуникациски услуги, симултани гласовни повици и многу повеќе.
Од компанијата Zain наведоа дека комерцијалното лансирање на услугата дошло по темелно тестирање за да се утврди подготвеноста на мрежата и техничката способност да се обезбеди услугата на највисоко ниво во целата земја.
Samsung Galaxy S22 серијата досега забележа одлични продажни резултати, а пред неколку дена индискиот Hindustan Times, повикувајќи се на податоци од Counterpoint Research, објави дека Samsung имал удел од неверојатни 81 процент во третиот месец оваа година кога станува збор за продажбата на флегшип смартфони во Индија. Гледајќи ги флегшип телефоните на јужнокорејската компанија, убедливо најголемата продажба во Индија во текот на третиот месец забележа најскапиот член на серијата Samsung Galaxy S22 Ultra.