WhatsApp конечно ја лансираше апликацијата наменета за Apple Watch, која им овозможува на корисниците пристап до основните функции на услугата без потреба од користење на мобилен телефон.
Новата WhatsApp апликација за Apple Watch поддржува читање на целосни пораки, наместо само делови од нив. Корисникот може да прегледа поголем дел од историјата на разговорите при читање на пораките, да снима и испраќа гласовни пораки, како и да користи брзи емоџи реакции. Апликацијата прикажува и фотографии во висока резолуција, како и стикери.
За жал, функцијата за повици сè уште е во основна фаза поради ограничувањата на платформата. Корисниците не можат да воспоставуваат или примаат повици директно преку Apple Watch, но можат да видат кој им се јавува без потреба да го погледнат екранот на својот смартфон.

Од WhatsApp истакнуваат дека ова е само почеток за споменатата апликација и дека во иднина ќе следуваат нови функции. Како и кај другите платформи, апликацијата за Apple Watch поддржува end-to-end енкрипција.
WhatsApp за Apple Watch е сега достапен за моделите Apple Watch Series 4 и поновите, кои користат watchOS 10 или понова верзија на софтверот.

