Вториот модел на iPhone Air на Apple е во развој и би можел да има две задни камери наместо една, според кинески дојавувач со извори во синџирот на снабдување на Apple.
Профилот на Weibo, Digital Chat Station тврди дека Apple тестира конфигурација со две леќи за следната верзија на својот ултратенок iPhone, при што на постојната 48MP Fusion главна камера ќе ѝ се придружи и 48MP Fusion ултраширока камера – слично како кај основниот модел iPhone 17.
Сепак, ликерот наведува дека уредот од втора генерација ќе го задржи препознатливиот хоризонтален модул за камери, што сугерира дека втората леќа ќе биде поставена покрај постојната, за разлика од вертикалниот распоред со две леќи кај iPhone 17.

Во модулот на iPhone Air се сместени повеќе технологии за да се максимизира просторот за батеријата, па Apple, најверојатно, ќе треба значително да го редизајнира внатрешниот распоред за да вметне уште една камера. Се очекува компанијата и понатаму да се фокусира на тоа уредот да остане ултратенок и лесен.
Според индустрискиот аналитичар Минг-Чи Куо, Apple ќе го претстави iPhone Air од втора генерација заедно со iPhone 18 Pro, iPhone 18 Pro Max и првиот преклоплив iPhone во втората половина на 2026 година. Компанијата, наводно, планира да лансира и трет модел на iPhone Air со поголем екран во втората половина на 2027 година. Сепак, се наведува дека моделот од првата генерација не се продава добро надвор од Кина, па плановите на Apple би можеле да се изменат.

Digital Chat Station има солидна репутација кога станува збор за точни информации за Apple. Тие први открија дека iPhone 15 и iPhone 15 Plus ќе имаат малку помал 48-мегапикселен сензор од iPhone 15 Pro и iPhone 15 Pro Max, како и дека точно го опишаа дизајнот на екранот на iPhone 12 уште во 2020 година.

