Јапонски научник разви револуционерна техника која со помош на мозочни снимки и вештачка интелигенција ги претвора менталните слики на човек во прецизни, описни реченици.
Иако веќе е постигнат напредок во преведувањето мисли во текст, претворањето на сложени визуелни доживувања во јазик досега претставуваше голем предизвик, истакнува авторот на студијата Томојасу Хорикава, пренесува CNN.
Новата метода, наречена „ментално опишување“ (mind-captioning), користи вештачка интелигенција за генерирање текст што ги одразува визуелните детали од мозокот – како објекти, места, дејства и настани, како и односите меѓу нив. Студијата е објавена на 5 ноември во списанието Science Advances.
Како функционира новата технологија?
Хорикава, истражувач во лабораториите на телекомуникациската компанија NTT, започнал со анализа на мозочната активност на четворица мажи и две жени, изворни говорители на јапонски, додека гледале 2180 кратки видеоклипови без звук. Нивните мозоци биле скенирани со функционална магнетна резонанца (fMRI), неинвазивна техника што ја мери мозочната активност.

Потоа големите јазични модели – системи на генеративна вештачка интелигенција – ги претвориле описите на видеоклиповите во низа броеви. Хорикава потоа обучил поедноставни AI модели, т.н. „декодери“, да ја поврзат скенираната мозочна активност со тие нумерички низи.
На крајот ги користел декодерите за интерпретација на мозочната активност на учесниците додека гледале или се потсетувале на видеа кои вештачката интелигенција претходно не ги видела, а посебен алгоритам генерирал реченици што најмногу одговарале на декодираната активност.
„Ова е само уште еден чекор напред кон она што, според мене, легитимно можеме да го наречеме читање на мозокот или читање мисли“, изјави за CNN Марчело Иенка, професор по етика на вештачка интелигенција и невронаука на Техничкиот универзитет во Минхен, кој не бил вклучен во студијата.
Потенцијал за револуционерни медицински примени
Интересно е што AI моделот генерирал текст на англиски, иако учесниците не биле изворни говорители на тој јазик. Хорикава истакнал дека методата може да создава сеопфатни описи на визуелна содржина дури и без користење активности во јазичните региони на мозокот. „Ова укажува дека методата може да се користи и кога некој има оштетување околу таа јазична мрежа“, објаснил тој.
Технологијата потенцијално би можела да им помогне на лица со афазија (потешкотии во јазично изразување) или на болни од амиотрофична латерална склероза (ALS), прогресивна невродегенеративна болест која влијае на говорот.
„Мислам дека оваа студија го отвора патот за длабоки интервенции кај луѓе кои имаат потешкотии во комуникацијата, вклучувајќи и невербални аутистични лица“, изјави психологот Скот Бери Кауфман од Barnard College во Њујорк. Сепак, тој предупреди: „Мораме да ја користиме внимателно и да обезбедиме дека не сме инвазивни и дека сите даваат согласност.“

„Крајниот предизвик за приватноста“
Успехот на оваа метода, која еден ден би можела да се примени за декодирање мисли на бебиња, животни или дури и содржини од соништата, отвора сериозни етички прашања за приватноста. Студијата наведува дека е можно откривање приватни мисли пред да бидат вербализирани.
„Ако во иднина оваа технологија се користи од потрошувачи надвор од биомедицински цели, мислам дека тоа ќе биде крајниот предизвик за приватноста“, рече Иенка. Тој додаде дека многу компании, како Neuralink на Илон Маск, јавно тврдат дека наскоро ќе развијат неурални импланти за општата популација.
„Ако дојдеме до тоа ниво, мораме да имаме многу, многу строги правила за пристап до умовите и мозоците на луѓето“, истакна Иенка, додавајќи дека мозокот содржи „осетливи информации“ како „раните знаци на деменција, психијатриски нарушувања и депресија“.
Општествениот научник Лукаш Шошкевич од Универзитетот Адам Мицкевич во Полска смета дека приватноста може да се заштити.
„Неуралните податоци треба да се третираат како осетливи по дефиниција, да се бара изречна согласност со строго ограничена цел и да се даде приоритет на обработка на уредите со механизми за ‘отклучување’ под контрола на корисникот“, изјави Шошкевич, кој исто така не учествувал во истражувањето.
Колку сме навистина блиску до читање мисли?
И покрај напредокот, Хорикава напомена дека методата користена во студијата бара огромна количина податоци и активна соработка на учесниците. Затоа, иако е корисна за научни истражувања, „не е толку прецизна за практична употреба“.
Исто така, студијата користела видеа со вообичаени сцени, како куче што гризе човек, но не и необични ситуации, па засега не е јасно дали техниката може да се примени на помалку предвидливи ментални слики.
Како резултат на тоа, „иако некои луѓе можеби се грижат дека оваа технологија претставува сериозен ризик за менталната приватност“, во реалноста „моменталниот пристап не може лесно да ги чита приватните мисли на човек“, заклучил Хорикава.


