Научниците за првпат пронашле микропластика во новиот снег кој падна на Антарктикот.
Резултатите од истражувањето на научниците од Нов Зеланд, објавени денеска, покажаа дека микропластика за првпат е пронајдена во свежиот снег што неодамна падна на Антарктикот, што може да го забрза топењето на снегот и мразот и да претставува закана за здравјето на уникатните екосистеми на континентот.
Ситна пластика, помала од зрно ориз, претходно била пронајдена во морскиот мраз и површинските води на Антарктикот, но научниците истакнуваат дека таа првпат била откриена во свежи снежни врнежи.
Резултатите од истражувањето, спроведено од Алекс Ејвс, докторанд на Универзитетот во Кентербери, под надзор на д-р Лаура Ревел, беа објавени во научното списание The Cryosphere, пренесе BBC.
Таа собра примероци од снег од 19 локации на Росовата ледена полица на Антарктикот и рече дека била шокирана кога пронашла микропластика во апсолутно секој примерок.
„Тоа е неверојатно тажно. Откривањето на микропластика во свежиот снег на Антарктикот го нагласува степенот на загадување со пластика дури и во најоддалечените региони на светот“, рече таа.
Резултатите од нејзиното истражување покажале дека на литар стопен снег во просек биле пронајдени 29 микропластични честички. Густината на микропластиката беше речиси три пати поголема недалеку од научните бази на островот Рос – базата Скот и станицата МекМурдо.
Од пронајдените 13 различни видови пластика, најзастапена беше ПЕТ, која често се користи за правење шишиња за пакување безалкохолни пијалоци и за правење облека.
Микропластиката можеби патувала илјадници километри низ воздухот, но подеднакво е веројатно дека присуството на луѓе на Антарктикот предизвикало микропластичен „отпечаток“, велат истражувачите.
Истражувањето го потврди она што го очекуваа научниците, рече Олга Панто, виш научник во Институтот за еколошки науки и научни истражувања.
„Навистина е невозможно за кој било организам во денешно време да го избегне влијанието на човековите активности, исто како што човечкото дејство влијае на климатските промени кои пак влијаат на промените на животната средина“, рече таа.
„Не треба да нагласувам дека треба да се преземат значајни чекори што е можно поскоро за да се намали употребата на пластика, како и конструктивни начини за управување со пластиката“, рече Панто.