Раководството на Академијата нема да го продолжи договорот со долгогодишниот партнер – телевизијата ABC
Од 2029 година, церемонијата на доделување на Оскарите повеќе нема да се емитува на телевизија, туку исклучиво на платформата YouTube, каде што публиката ширум светот ќе може да го следи настанот преку пренос во живо.
Академијата за филмски уметности и науки соопшти дека Оскарите ја напуштаат телевизијата ABC, по повеќе од половина век соработка, и дека повеќе нема да има директен пренос на малите екрани.
Од друга страна, раководството на Академијата потпиша долгорочен договор со платформата YouTube, која доби ексклузивни права за пренос на церемонијата на Оскарите до 2033 година.

Бил Крамер, извршен директор, и Линет Хауел Тејлор, претседателка на Академијата, изјавија во соопштение:
„Со задоволство објавуваме дека започнавме глобално партнерство со YouTube, кој ќе биде идниот дом на Оскарите“.
Тие исто така нагласија дека целта на оваа соработка е поголема достапност за гледачите ширум светот.
„Академијата е меѓународна организација и ова партнерство ни овозможува да го прошириме пристапот до нашата работа до поширока публика низ целиот свет, што ќе биде од корист и за членовите на Академијата и за филмската заедница“, додадоа Крамер и Тејлор.
„Оваа соработка ќе го искористи досегот на платформата YouTube и ќе ѝ обезбеди на Академијата и на Оскарите иновативни можности за пренос, истовремено почитувајќи го нашето наследство“, продолжија тие.

„Ќе можеме да го славиме филмот, да инспирираме нови генерации филмаџии и да ја направиме нашата кинематографска историја достапна на досега невидено глобално ниво“, соопшти Академијата.
Нил Мохан, извршен директор на YouTube, го сподели ентузијазмот со Академијата.
„Оскарите се една од клучните културни институции, кои го наградуваат раскажувањето приказни и уметноста. Партнерството со Академијата ни дава можност да ја славиме уметноста и забавата со публиката ширум светот, да инспирираме нови генерации креативци и љубители на филмот, притоа останувајќи верни на наследството на Оскарите“, изјави тој.
Следната церемонија на доделување на Оскарите е закажана за 15 март 2026 година.


