Ултратенките смартфони заминуваат во историјата: Samsung ја менува стратегијата и се откажува од S26 Edge
Според нови информации од Јужна Кореја, Samsung направил голем пресврт и официјално се откажува од пазарната стратегија за ултратенки телефони. Откако Galaxy S25 Edge пристигна како прв обид за враќање на „super-slim“ дизајнот, продажните резултати покажале дека интересот на корисниците е далеку под очекувањата. Поради тоа, развојот на наследникот, Galaxy S26 Edge, е целосно запрен.
Корејскиот медиум The Korea Economy Daily известува дека Samsung не само што го одложил проектот, туку ултратенката линија трајно се укинува и повеќе нема да се појавува во идните планови. Првичната идеја била S26 Edge да го замени Galaxy S26+ во серијата, но по слабата побарувачка за моделот S25 Edge, компанијата го враќа S26+ во стандардната понуда на модели.

Samsung се откажува од ултратенката серија телефони
Овој потег одразува јасна промена во стратегијата. Наместо трка по што потенко куќиште, Samsung се насочува кон она што поголемиот дел од купувачите навистина го сакаат: посилна батерија, подобра термална стабилност и понапредна камера. Како што истакнуваат аналитичарите, современите телефони веќе се доволно тенки, а корисниците не се подготвени да ја платат цената во форма на послаба автономија или компромиси кај фото-системот.
Дополнително, Samsung сè уште нема воведено нова генерација батерии со цврст електролит или силициум-јаглеродна анода, па изработката на екстремно тенки телефони без губење на капацитетот е објективно тешко изводлива со постоечката технологија.

За разлика од Samsung, Apple наводно сè уште не се откажал од ултратенкиот концепт. Доколку внатрешните планови останат непроменети, вториот iPhone Air би можел да дебитира во 2027 година, со пониска цена и изменет дизајн, вклучително и премин на двојна камера.
Дали пазарот тогаш ќе биде подготвен за враќање на ултратенките модели, останува да се види, но засега Samsung јасно порачува дека ерата на екстремно тенките телефони е завршена, а приоритетот повторно е насочен кон практичноста и перформансите.


