Следната генерација на iPhone Air на Apple сè уште би можела да биде лансирана есента 2026 година, според Weibo-инсајдерот познат како Fixed Focus Digital
Инсајдерот тврди дека од свои извори добил информација дека втората генерација на iPhone Air ќе биде претставена наесен. Во меѓувреме, се наведува дека iPhone 17e веќе е во масовно производство, во пресрет на неговото претставување во текот на пролетта следната година.
Оваа гласина е спротивна на низа потврдени извештаи според кои втората генерација на iPhone Air е одложена за март 2027 година, кога се очекува да биде лансирана заедно со стандардниот iPhone 18 и поевтиниот iPhone 18e. Првично, втората генерација на iPhone Air беше најавувана за есента 2026 година, заедно со iPhone 18 Pro, iPhone 18 Pro Max и преклопниот iPhone, но наводно слабата продажба на првиот модел го навела Apple да го одложи лансирањето.

Се шпекулира дека втората генерација на iPhone Air ќе одговори на забелешките на корисниците со додавање втора задна камера и пониска цена. Помала тежина, ладење со vapor chamber и поголем капацитет на батеријата исто така се меѓу наводните нови карактеристики.
Сè уште постои можност новиот iPhone Air да биде лансиран есента следната година, особено ако Apple го забрза развојот на новите функции, со оглед на тоа што тоа беше оригинално планираниот термин. Сепак, би било изненадување доколку бројните гласини кои укажуваат на одложување на лансирањето се покажат како неточни.


