Counterpoint уште во ноември прогнозираше дека Apple во 2025 година ќе го престигне Samsung на пазарот на мобилни телефони, а сега тоа и официјално е потврдено.
Apple за првпат по неколку години го презеде водството на глобалниот пазар на мобилни телефони и го престигна Samsung по пазарен удел, покажува новиот извештај на Counterpoint Research. До крајот на 2025 година, Apple достигнал 20 проценти пазарен удел, додека Samsung останал зад него со 18 проценти, со што е прекинат двегодишниот период во кој овие две компании беа изедначени.
Покрај тоа, податоците на Counterpoint покажуваат и дека Apple воедно остварил и најголем годишен раст на испораките меѓу водечките производители – од 10 проценти, што е двојно повеќе во споредба со Samsung. Аналитичарите истакнуваат дека овој раст не е резултат исклучиво на успехот на iPhone 17, туку на комбинација од повеќе фактори, вклучувајќи ја и зголемената продажба на претходните модели.

„Растот на Apple во 2025 година е поттикнат од проширувањето на присуството и зголемената побарувачка на пазарите во развој и на средно големите пазари, со поддршка на посилно портфолио на производи“, објасни повисокиот аналитичар на Counterpoint, Варун Мишра.
Иако за 2026 година се предвидува благо забавување на пазарот на мобилни телефони поради растот на трошоците за меморија, аналитичарите сметаат дека Apple и Samsung се во поповолна позиција во однос на конкуренцијата.
Имено, Samsung произведува сопствена меморија, додека Apple, благодарение на својата позиција на пазарот, може однапред да си обезбеди снабдување и поповолни цени за клучните компоненти. Сепак, тоа не значи дека цените на уредите нема да растат, за што неодамна зборуваше и еден од извршните директори на Samsung, ТМ Рох.


