Иако кинескиот бренд One Plus формално продолжува да постои, продажните канали еден по еден се гасат
Пазарот на паметни телефони стана исклучително немилосрден, а ни брендовите со долга традиција повеќе не се имуни на повлекување. Откако LG претходно, а ASUS оваа година практично се повлекоа од бизнисот со мобилни телефони, медиумите сега шпекулираат дека следен на удар може да биде OnePlus, некогаш многу ценет Android производител на пазарите во Европа и САД.
OnePlus во раните години изгради репутација на „убиец на флегшипи“, нудејќи телефони со врвни перформанси по значително пониски цени. Иако компанијата од самиот почеток имаше инвестициска поддршка од OPPO, работеше независно сè до 2021 година, кога и формално беше интегрирана во OPPO групацијата како подбренд. Токму од тој момент, според оценките на аналитичарите, влијанието и препознатливоста на брендот почнуваат постепено да слабеат.

OnePlus очекува затворање на каналите и пад на продажбата
Според истите наводи, кои се повикуваат на поранешни и сегашни вработени, како и на повеќе независни консултантски компании, OPPO наводно постепено го „разградува“ OnePlus како самостоен ентитет. Иако брендот формално продолжува да постои, продажните канали еден по еден се гасат. Американското седиште, според тие тврдења, веќе е затворено, додека соработката со операторот T-Mobile е прекината уште во 2023 година. Европскиот тим, наводно, е сведен од повеќе од 60 вработени на значително помал број.
OnePlus засега не се огласи по повод овие наводи, ниту пак официјално ги демантираше.
Продажбата на OnePlus
Податоците за продажбата дополнително ги поттикнуваат сомнежите. На клучните пазари, како Индија и Кина, продажбата на OnePlus телефоните бележи континуиран пад. Во Индија, повеќе од 4.500 малопродажни објекти престанаа да продаваат уреди на OnePlus поради малата заработка, што доведе до нагло намалување на пазарниот удел. Во Кина, OnePlus во текот на 2024 година имал само околу 1,6% од пазарот, што претставува пад од приближно 20% во однос на претходната година.

Претходно се појавија информации дека следниот флегшип телефон на компанијата OnePlus, моделот OnePlus 16, ќе биде лансиран исклучиво во Кина, што исто така навестува можност за постепено повлекување од глобалниот пазар.
Ако овие трендови продолжат, OnePlus наскоро би можел да ја доживее судбината слична на LG и ASUS, барем кога станува збор за самостоен настап на Android пазарот. За корисниците и индустријата, тоа би бил уште еден јасен сигнал колку се променил пазарот на паметни телефони и колку е тешко да се опстане без силна, јасно диференцирана стратегија, пренесува Android Headline.


