Новиот македонски долгометражен игран филм на режисерката Косара Митиќ и продуцентот Томи Салковски ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“ на Берлинскиот Филмски Фестивал
Македонскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски ќе се натпреварува за награда на Меѓународниот Филмски Фестивал во Берлин, еден од најпрестижните филмски фестивали на светско ниво. Филмот е дел од селекцијата „Перспективи“ која опфаќа исклучителни филмски таленти ширум светот кои дебитираат на интернационалната филмска фестивалска сцена. Оваа селекција на филмови е од компетитивен карактер, а дава особена важност на уникатните перспективи со храбар кинематографски израз.
За домашната кинематографија, учеството на македонски филм во ваква светски афирмирана селекција значи потврда дека нашата земја продолжува да биде расадник на филмски таленти кои ја обликуваат модерната македонска кинематографија и ја промовираат Македонија надвор од границите на земјата, на светско ниво.

„Филмот “17” претставува авторски крик за будење на општеството. Темата на филмот директно ги третира проблемите на новите генерации, кои не сакаме да признаеме дека постојат. Успехот на филмот кој, несебично го очекував уште во фазата на неговите подготовки, се случи. Селекцијата во програмата “Перспективи“ на Берлинале е потврда дека навистина на филмот му претстои светла иднина. Соработката со Косара Митиќ на нејзиниот долгометражен првенец и младата актерска екипа, потврдуваат дека македонскиот филм може и има потенцијал.“ – изјави Томи Салковски, продуцент на филмот.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.

„Од самиот почеток знаев дека ова не е приказна што можам да ја „прифатам“, посебно на мојот прв долгометражен филм. Вистинскиот настан зад “17“ носи тежина надвор од киното, па затоа мојата прва одговорност беше етичка, а не уметничка. Формално, се спротивставив на сензационализмот, работејќи наместо тоа со отсуство и воздржаност. Она што останува невидено или неискажано одразува како насилството често се нормализира или игнорира. Филмот не нуди одговори – тој ја замолува публиката да преземе одговорност за тишините што сè уште постојат. Благодарам пред се на актерската екипа која не само професионално, туку и лично длабоко навлезе во рољите пред камерата“, изјави Косара Митиќ, Режисер на “17“.

Сценариото за „17“ е инспирирано од настан, од реалниот живот. Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network)и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал.
Продукцијата на филмот започна во Април, 2024 година. Снимањето беше реализирано во Скопје Битола и на други локации низ државата.
Меѓународната продажба на филмот ја преземаат реномираните Tотем Филмс со седиште во Париз, кои низ годините успешно пласираат филмски дела на автори коишто отвораат нови перспективи, поттикнуваат емоции и размисла.


