За разлика од класичните фолии и заштитни стакла, технологијата на Samsung ќе биде вградена директно во самиот екран на Galaxy S26 Ultra и ќе може да се прилагодува според потребите на корисникот.
Samsung официјално потврди дека нивниот претстоен флегшип модел, Galaxy S26 Ultra, ќе има безбедносна функција која ќе го штити екранот на мобилниот телефон од „shoulder surfing“, односно од несакани погледи на други луѓе.

„Samsung наскоро ќе претстави нов слој на приватност кој ќе го заштити вашиот мобилен телефон од љубопитни погледи, без разлика каде се наоѓате. Ќе имате простор да ги проверувате пораките или да внесувате лозинка во јавен превоз, без да размислувате кој може да ве гледа“, стои во официјалното соопштение на јужнокорејската компанија.
За разлика од класичните заштитни фолии или стакла за приватност, решението на Samsung ќе биде софтверски и хардверски интегрирано директно во екранот на уредот. Од Samsung истакнуваат дека функцијата ќе нуди високо ниво на прилагодување, овозможувајќи заштита на приватноста само во избрани апликации, при внесување чувствителни податоци или на одредени делови од интерфејсот, како што се нотификациите.
Од Samsung напоменуваат дека развојот на оваа технологија траел повеќе од пет години и вклучувал обемно инженерско тестирање и доработка. Иако компанијата засега не ги откри сите технички детали, повеќе информации се очекуваат наскоро, најверојатно за време на претставувањето на Galaxy S26 Ultra, кое би требало да се одржи на 25 февруари.


