Apple потврди за Reuters дека го презел Q.ai, израелски стартап кој работи на технологии за вештачка интелигенција во областа на аудио решенијата.
Според информациите, Apple платил речиси 2 милијарди долари за Q.ai, според извори цитирани од Financial Times. Тоа е втората најголема аквизиција во историјата на Apple, по 3 милијарди долари што ги плати за популарниот бренд за слушалки и аудио опрема Beats во 2014 година.
Според соопштението, основачкиот тим на Q.ai ќе му се приклучи на Apple, вклучувајќи го и извршниот директор Авиад Маизелс, кој претходно ја основаше компанијата PrimeSense, преземена од Apple во 2013 година. Технологијата на PrimeSense тогаш му помогна на Apple да ги унапреди сензорите за препознавање лице кај iPhone уредите, пишува Reuters.
Apple не ги откри финансиските детали од аквизицијата ниту прецизната намена на новата технологија, но беше најавено дека Q.ai работел на напредни примени на машинско учење кои им овозможуваат на уредите да препознаваат шепот или многу тивок говор и да го подобрат квалитетот на звукот во бучни средини.

Маизелс изјави дека приклучувањето кон Apple им отвора „исклучителни можности за поместување на границите и реализирање на целосниот потенцијал на технолошките решенија“, додавајќи дека со нетрпение очекуваат овие иновации да им ги донесат на корисниците ширум светот.
Овој потег доаѓа во период кога Apple сè повеќе имплементира AI функции во своите производи. Минатата година компанијата во слушалките AirPods воведе технологија што овозможува автоматски превод на говор меѓу различни јазици, како дел од пошироката стратегија за унапредување на аудио и AI функционалностите.
Џони Сруџи, виш потпретседател на Apple за хардверски технологии, изјави дека Q.ai е „исклучителна компанија која пионерски ги комбинира машинското учење и снимањето звук“, додавајќи дека се возбудени поради идните можности.
Покрај извршниот директор, на Apple ќе му се приклучат и другите коосновачи на Q.ai – Јонатан Векслер и Ави Барлија.


