Помалку од еден месец нè дели од Galaxy Unpacked настанот на Samsung, а протекувањето информации за Galaxy S26 серијата смартфони продолжува.
Најновиот извештај ги носи клучните спецификации на моделот Galaxy S26 Ultra, како и уште повеќе рендери на уредот во кобалтно виолетова и црна боја. AndroidHeadlines сподели детална листа на спецификации, која опфаќа речиси секој детаљ за претстојниот премиум flagship на Samsung.
Наводно, Galaxy S26 Ultra ќе користи 6,9-инчен Dynamic AMOLED екран со QHD+ резолуција и стапка на освежување од 1 до 120 Hz. Панелот ќе има нов Privacy Display, кој ја ограничува видливоста при гледање од странични агли. Исто така, ќе располага со 12 MP селфи камера и поддршка за S Pen пенкалото.

Што се однесува до димензиите, тие ќе изнесуваат 163,6 × 78,1 × 7,9 мм, додека тежината на телефонот ќе биде 214 грама. Ова е речиси идентично со профилот на Galaxy S25 Ultra, кој има димензии 162,8 × 77,6 × 8,2 мм и тежина од 218 грама.
Samsung ќе го опреми Galaxy S26 Ultra со Qualcomm Snapdragon 8 Elite Gen 5 процесор, иако сè уште нема потврда дали ќе станува збор за „for Galaxy“ варијанта, како кај претходните модели од S серијата. Телефонот ќе се испорачува со 256 GB внатрешна меморија во основната верзија, со можност за надградба до 1 TB.

Задната страна на телефонот ќе има редизајниран модул за камери со главен сензор од 200 MP (ISOCELL HP2) со наводна бленда f/1.4 за подобро собирање светлина. Ќе му се придружат ултраширокаголен модул од 50 MP (Samsung JN3), перископски телефото од 50 MP (IMX854) и телефото камера од 12 MP (Samsung S5K3LD).

Оние што се надеваат на поголем капацитет на батеријата можеби ќе бидат разочарани, бидејќи Galaxy S26 Ultra ќе се напојува со батерија од 5.000 mAh. Иако новиот извештај не ја прецизира брзината на полнење, претходно се појавија информации дека Samsung конечно е подготвен да „скокне“ на 60W, од 45W колку што поддржува Galaxy S25 Ultra.

Се очекува Samsung да ја претстави Galaxy S26 серијата на 25 февруари, почетокот на претпродажбата е закажан за 5 март, додека отворената продажба започнува на 11 март.


