Nothing во пресрет на претставувањето го откри дизајнот на Phone (4a), потврдувајќи дека го задржува препознатливиот транспарентен изглед, но со додавање на новата лента Glyph Bar.
Nothing на 5 март официјално ќе ја претстави својата нова серија смартфони од средната класа, Phone (4a), а по бројните гласини и протечени спецификации, сега објавија и како ќе изгледа еден од претстојните модели.
Станува збор за моделот Phone (4a) кој, како што и се очекуваше, ќе го задржи транспарентниот дизајн карактеристичен за производите на Nothing. Овој модел ќе има уште понагласен, поотворен долен дел од задната страна, а покрај прикажаната бела, ќе биде достапен и во црна, сина и розова боја.

Една од најголемите промени кај Phone (4a) е Glyph Bar, која го заменува досегашниот Glyph Interface. Glyph Bar се состои од шест квадратни LED полиња поставени покрај системот на камери, при што секое поле има девет посебно контролирани мини-LED диоди. Како и досега, осветлувањето ќе биде програмбилно, а потврдено е и дека LED-диодите се посветли отколку кај претходните Nothing телефони.
На фотографијата се забележува и благо изменет распоред на копчињата, па така Essential копчето сега е поставено на левата страна, со цел појасно да се одвои од копчињата за вклучување и контрола на јачината на звукот, кои и понатаму се сместени на десната страна.
Од спецификациите, Phone (4a) треба да има 6,78-инчен AMOLED екран со FHD+ резолуција и 120 Hz, Qualcomm Snapdragon 7s Gen 4 процесор, 12 GB RAM и 256 GB внатрешна меморија, како и батерија со капацитет од 5.400 mAh со поддршка за 50-ватно жично полнење.
Задниот систем на камери ќе вклучува главен сензор од 50 MP, телефото сензор од 50 MP со 3,5x оптички зум и ултраширок сензор од 8 MP. Покрај Phone (4a), ќе биде претставен и Phone (4a) Pro.




