Apple се подготвува за претстојното претставување на нови MacBook модели и iPhone 17e на настанот закажан за 4 март, но во меѓувреме пристигнуваат и првите информации за следната генерација премиум iPhone уреди.
Според најновиот билтен на новинарот на Bloomberg, Марк Гурман, Apple тестира нова боја за претстојната Pro серија. Имено, Apple размислува iPhone 18 Pro моделите да бидат достапни во длабока црвена нијанса.
Оваа црвена варијанта би била позиционирана како главна, односно „headline“ боја за iPhone 18 Pro серијата. Според Гурман, компанијата би можела да ја задржи и популарната Cosmic Orange опција, додавајќи ја новата црвена како дополнителен избор за корисниците.

Од друга страна, кога станува збор за долгоочекуваниот преклоплив модел, iPhone Fold, Apple наводно ќе избегне „разиграни“ бои. Наместо тоа, уредот се очекува да пристигне во потемни и покласични варијанти – темносива/црна и бела/сребрена.
Се очекува iPhone 18 Pro, iPhone 18 Pro Max и iPhone Fold да дебитираат во септември, во рамки на традиционалниот есенски настан на Apple. Доколку информациите се покажат како точни, црвената би можела да стане новиот визуелен адут на Pro линијата.



