Апликацијата Microsoft Defender е наменета за употреба на повеќе платформи, но функциите ќе се разликуваат во зависност од платформата на која се користи.
Microsoft го претстави Defender, својата нова апликација за сајбер безбедност, која ќе биде достапна на Windows, macOS, iOS и Android.
Името на апликацијата веројатно им е познато на многумина, бидејќи компанијата со години така ја нарекува својата антивирусна заштита. Се работи всушност за апликација која ќе служи како поедноставен контролен панел, со што на корисниците ќе им го понуди постоечкоти антивирусен софтвер на Microsoft, но и дополнителна заштита за уредите што ги користат.
„Проширувањето на нашето безбедносно портфолио со Microsoft Defender е природен и возбудлив напредок на нашиот пат како безбедносна компанија“, рече Васу Јакал, корпоративен потпретседател на Microsoft Security.
Според The Verge, Microsoft Defender ќе им биде достапен на претплатниците на Microsoft 365 Personal и Family, а функциите ќе варираат во зависност од која платформа се користи апликацијата.
На пример, на iOS нема да има антивирус заштита, но наместо тоа, апликацијата ќе нуди заштита од кражба на идентитетот на интернет, како и контролен панел кој ќе содржи предупредувања за други кориснички уреди.
Од друга страна, Defender на Android вклучува антивирусна заштита, можност за откривање малициозни апликации и заштита од кражба на идентитет. На Windows, ситуацијата е нешто поинаква, па наместо да се обидува да ја замени веќе вградената апликација Windows Security, апликацијата на Microsoft таму повеќе делува како контролен панел.
„Ова е само почетокот. Во иднина, ќе продолжиме да интегрираме повеќе заштити на една контролна табла, вклучително и функции како заштита од кражба на идентитет и безбедна интернет врска“, забележува Џакал.