Според аналитичката компанија Counterpoint Research, европскиот пазар на паметни телефони го забележа најлошиот прв квартал во последните речиси десет години.
Пазарот забележа пад од 12 проценти во однос на последните три месеци од претходната година. Беа испорачани само 49 милиони смартфони, што доведе до тоа ова да биде најлошиот прв квартал од 2013 година. Само еден од брендовите во Топ 5 забележа раст – Realme го удвои својот удел на пазарот.
Samsung остана на врвот на производителите кога станува збор за Европа. Сепак, јужнокорејската компанија забележа пад на испораките од 16% во споредба со првото тримесејче минатата година.
Од друга страна, Apple имаше процентуално подобар резултат во однос на истиот период лани, но и компанијата од Купертино имаше послаба испорака, со пад од шест проценти.
Се наведува дека на ваквите пазарни резултати влијаеле повеќе фактори – залихите на компоненти сè уште се ниски, а тоа дополнително е влошено со повторниот локдуан во Кина поради пандемијата на Ковид. Зголемена инфлација има и поради конфликтот во Украина.
Аналитичарите сметаат дека ситуацијата ќе биде уште полоша во текот на вториот квартал. Војната во Украина ја намалува достапноста на суровини, додека земјите во Европа бележат нагло зголемување на трошоците за живот и се помалку луѓе се одлучуваат да купат нов телефон.