Оваа станица за полнење може да достигне максимална моќност од 3.750 kW или 3.75 MW
CharIN, непрофитна организација која обединува 260 компании активни на полето на електричната мобилност и инфраструктура за полнење, го претстави најмоќниот полнач кој некогаш бил конструиран – Megawatt Charging System. MCS е дизајниран за камиони и тешки возила, а неговиот развој траел четири години.
CharIN полначот го претстави поврзувајќи го со електричниот камион на Scania покажувајќи дека уредот може да полни при моќност од над 1 MW. Мегаватниот систем за полнење е дизајниран за максимална струја од 3.000 ампери и до 1.250 волти. Тоа значи дека може да достигне максимална моќност од 3.750 kW или 3.75 MW. Доволно е да се потсетиме дека сегашните станици за ултра брзо полнење за електрични автомобили достигнуваат моќност од 350 kW и овозможуваат полнење за околу 20-30 минути. Со овој полнач се би било десет пати пократко!
Конечниот стандард ќе биде објавен во 2024 година, но веќе во 2022 година, некои членови на CharIN ќе ги покажат своите верзии на овие полначи, кои усвојуваат нов конектор за кој здружението се надева дека ќе биде прифатен од сите производители на камиони и тешки товарни возила на батерии.
Во Германија, пак, членовите на CharIN веќе го тестираат MCS на терен. Конзорциум од заинтересирани индустриски партнери и истражувачки институти започнал со пилот проект HoLa за тестирање на потенцијалот на системот за полнење на електрични возила со долг домет.
Меѓу карактеристиките кои ќе бидат имплементирани во системот MCS се можноста за полнење возила опремени со CSS2 конектор, автоматски механизми за полнење и двонасочно полнење.