Компанијата која со години е позната по своите лаптопи, таблет уреди и монитори претстави лесен електричен велосипед наречен „ebii“.
Тајванската компанија го објави електричниот велосипед „ebii“, кој е дизајниран за урбани услови и има вештачка интелигенција. Благодарение на технологијата, велосипедот може да ги научи личните преференци на корисникот и сам да менува брзини во зависност од условите на патот.
Тежината на моделот е околу 35 килограми, што го прави полесен од повеќето електрични велосипеди. Acer тврди дека неговата максимална брзина е 30 km/h и дека може да помине нешто помалку од 110 km со едно полнење. На велосипедот му требаат околу два и пол часа за да се наполни до полн капацитет на батеријата. Во оваа област, Acer се враќа на своите корени, бидејќи панелот за напојување е направен така што може да се користи и како пренослив полнач за лаптоп или телефон.
Корисниците исто така мора да ја преземат апликацијата „ebiiGO“ за да добиваат информации за траењето на батеријата, препорачаните маршрути, податоците за брзината и за заклучување и отклучување на велосипедот, бидејќи „ebii“ автоматски се заклучува секогаш кога поврзаниот телефон ќе ја напушти одредената област. Освен ова, велосипедот има и аларм против кражба.
Дополнителните функции на „ebii“ вклучуваат сензори за откривање пречки, светла со сите насоки и гуми без воздух што не можат да се дупнат.
Сè уште не е јасно колку ќе чини моделот и кога ќе биде пуштен во продажба, истакнува порталот Engadget, додавајќи дека не е лесно да се погоди, со оглед на тоа што цените на електричните велосипеди доста варираат – од Lectric XP Lite за 800 долари до новиот планински модел на Audi за над 10.000 долари.