Spotify подготвува нов, поскап пакет на претплата – Supremium, кој конечно ќе им овозможи на корисниците Hi-Fi аудио стриминг, но претплатата ќе биде поскапа
Една од најпопуларните платформи за стриминг на музика, Spotify планира да воведе „понапреден“ претплатнички пакет, што ќе се нарекува Supremium. Овој пакет на корисниците ќе им го обезбеди долгоочекуваниот аудио стриминг со Hi-Fi квалитет, наведува Bloomberg, повикувајќи се на добро информирани извори. Овој пакет се очекува да биде достапен за корисниците кон крајот на оваа година, известува TechCrunch.
Веста за новиот пакет на претплата брзо одекна на социјалните мрежи и во странските медиуми, што го поттикна Spotify да се огласи.
„Во Spotify непрестано се стремиме да ја подобриме понудата на нашите производи и да им пружиме поголема вредност на корисниците. Сепак, не ги коментираме шпекулациите за можни нови функции и во моментов немаме ништо ново да споделиме со јавноста“, изјави претставник на компанијата.
Spotify наскоро во Hi-Fi аудио квалитет?
За потсетување, Spotify уште во 2021 година најави дека ќе овозможи висококвалитетен стриминг. Од компанијата тогаш ги изнесоа плановите да им овозможат на корисниците да слушаат музика во ЦД квалитет на сите уреди и звучници со овозможена Spotify Connect функција.
Сепак, додека Spotify го одложуваше спроведувањето на своите планови, конкурентните услуги како Amazon Music и Apple Music веќе почнаа да им обезбедуваат на корисниците можност за висококвалитетна стриминг музика без дополнителни трошоци. Досега Spotify не го исполни ветувањето што им го даде на своите корисници.
Воведувањето на Hi-Fi аудио стриминг на Spotify е значаен чекор напред за љубителите на музиката кои се стремат кон врвен квалитет на звукот. Сепак, овој квалитет доаѓа со зголемување на цената, што може да влијае на корисниците кога одлучуваат дали да останат со нивната тековна претплата или да се префрлат на конкурентски платформи кои веќе нудат подобар квалитет на звукот без дополнителни трошоци.