Microsoft официјално го гаси Windows 10 следната година, но доколку вие или вашата фирма сè уште имате намера да го користите, ќе треба да платите за безбедносни ажурирања за да го одржите системот сигурен за користење.
Секој што сака да продолжи да го користи Windows 10 ќе мора да плаќа годишно за Extended Security Updates (ESU). Бизнисите и корисниците ќе треба да купат лиценци за ESU за секој уред со Windows 10 што планираат да продолжат да го користат по завршувањето на поддршката следната година.
За бизнисите, првата година на продолжена поддршка е 61 долар, а потоа се удвојува на 122 долари за втората година и повторно се удвојува во третата година на 244 долари. Доколку влезете во програмата на „ESU“ во втората година, ќе треба да платите и за првата година бидејќи ESU се кумулативни.
Microsoft објави на блогот Windows IT Pro дека наведените цени важат само за комерцијални организации и дека деталите за потрошувачките цени „ќе бидат објавени подоцна“.
Microsoft обично нуди претплати со продолжена поддршка само на организации кои сакаат да продолжат да ги користат постарите верзии на Windows. Овој пат е поинаков, бидејќи сè уште има голем број луѓе на „Windows 10“, речиси девет години по неговото објавување во 2015 година.
„Проширените безбедносни ажурирања (ESU) не се наменети да бидат долгорочно решение, туку привремен мост“, велат од Microsoft во блог постот.
„Можете да купите ESU лиценци за уреди со Windows 10 што не планирате да ги надградите на Windows 11 почнувајќи од октомври 2024-та година, една година пред крајот на датумот за поддршка.
Microsoft нуди попуст од 25% за бизнисите кои користат решение за ажурирање базирано на облак на Microsoft, како што се Intune или Windows Autopatch. Ова ја намалува цената на 45 долари по корисник (до пет уреди) во текот на првата година. Ако користите Windows 10 лаптопи и компјутери за да се поврзете со „Windows 11 Cloud PC“ преку Windows 365, тогаш Microsoft се откажува од таксите за безбедносно ажурирање бидејќи лиценците се вклучени во цената за претплата на Windows 365.
Училиштата ќе добијат уште поголем попуст, при што „Microsoft“ нуди лиценца од 1 долар за првата година, која потоа се удвојува на 2 долари за втората година и 4 долари за третата година.
Се разбира, Microsoft сака корисниците наместо тоа да го надградат уредот на Windows 11. Сепак, милиони компјутери не можат да се надградат на Windows 11 поради построгите хардверски барања и фактот што Windows 11 е поддржан само на процесори објавени од 2018-та година па наваму и со уреди кои поддржуваат TPM чипови.
Како резултат на тоа, транзицијата кон Windows 11 заостанува зад воведувањето на „Windows 10“, кој беше понуден на корисниците на Windows 7 и Windows 8 како бесплатна надградба. „Windows 11“ исто така беше бесплатна надградба, но само за уредите со Windows 10 кои ги исполнуваа строгите минимални хардверски барања.
Според StatCounter, Windows 10 сè уште го користат 69% од сите корисници на Windows, во споредба со само 27% за Windows 11. Тоа е голема празнина која Microsoft најверојатно нема да ја затвори во следните 18 месеци, принудувајќи многу корисници на Windows 10 да размислат да платите дополнителни безбедносни поправки.