Извршниот директор на Spotify, Даниел Ек потврди дека компанијата работи на поскап Premium пакет кој меѓу другото, ќе им обезбеди на корисниците висококвалитетен стриминг
Извршниот директор на Spotify, Даниел Ек изјави дека планираат на корисниците да им понудат поскап пакет на висококвалитетен стриминг, но дека сето тоа се уште е во рана фаза на развој, пренесува The Verge.
„Нашиот план е да понудиме многу подобра верзија на Spotify. Размислете за нешто како пет долари над сегашниот Premium. Значи веројатно околу 17 или 18 долари месечно. Тоа треба да биде еден вид луксузна верзија на Spotify која ги има сите предности на нормалната, но со многу поголема контрола и многу повисок квалитет на звукот, како и некои други работи за кои сè уште не сум подготвен да зборувам“, изјави Ек во разговор со инвеститорите.
За потсетување, Spotify во 2021 година објави дека ќе се префрли на висококвалитетен стриминг. Во тоа време, од сервисот наведоа дека ќе им достават музика со ЦД квалитет на корисниците на сите уреди и звучници со овозможен Spotify Connect.
Во меѓувреме, конкурентските услуги Amazon Music и Apple Music почнаа да им нудат на корисниците висококвалитетна стриминг музика без дополнителни трошоци, а Spotify никогаш не го исполни ветувањето.