На 26 септември очекуваме Xiaomi да ги претстави смартфоните од високата класа 14T и 14T Pro, кои ќе обезбедат интересен хардвер по релативно прифатливи цени. Веќе научивме многу за нивните спецификации, а во меѓувреме, сајтот Winfuture објави официјални фотографии од уредите и дополнителни детали за цените и спецификациите.
Двата телефони ќе имаат речиси идентичен изглед и ќе нудат 6,67-инчен AMOLED дисплеј со резолуција од 2712 x 1220 пиксели, брзина на освежување до 144 Hz и врвна осветленост до 4000 нита. Во однос на дизајнот, фотографиите покажуваат дека Xiaomi 14T ќе има рамен заден дел и варијанта од кожа, додека 14T Pro има заоблен заден панел.
Една од големите разлики е во камерите. Xiaomi 14T користи главен сензор Sony IMX906 од 50 MP со отвор на бленда f/1.7 и OIS, а во Xiaomi 14T Pro е сместен Light Fusion 900 сензор како оној во Xiaomi 14. Повторно има резолуција од 50 MP , но со отвор на бленда f/1,6 и повторно со OIS. Останатите сензори се идентични – 50 MP со телефото зум и 12 MP со ултраширок објектив. За селфи фотографии се користат камери од 32 MP.
Другата голема разлика е во чипсетите. Основниот модел се базира на MediaTek Dimensity 8300 Ultra, а во Xiaomi 14T Pro ќе го видиме MediaTek Dimensity 9300+. Двата модели ќе бидат достапни со 12 GB RAM и 256 GB или 512 GB простор за складирање. Батериите имаат капацитет од 5000 mAh, но онаа на Xiaomi 14T се полни со моќност до 67W, а кај 14T Pro наоѓаме поддршка за 120W и безжично полнење на 50W.
Што се однесува до боите, Xiaomi 14T ќе биде достапен во Titan Black, Titan Grey, Titan Blue и Lemon Green, додека Xiaomi 14T Pro ќе биде достапен само во првите три варијанти. Winfuture наведува дека препорачаните цени изнесуваат 700 и 900 евра, но првите дилери објавија цени под 600 евра за Xiaomi 14T и околу 800 евра за Xiaomi 14T Pro.
Премиерата на Xiaomi 14T серијата е закажана за 26 септември